Заев: Навредите и негирањата не водат кон вистинско пријателство
Дијалогот и пријателството се основните постулати за добрососедски односи. Но, навредите и негирањата не водат кон вистинско пријателство, изјави премиерот Заев во однос на бугарскиот меморандум. Потсети дека македонскиот јазик е признаен во светот и идентитетот не треба да се доведува во прашање. Премиерот лично е против предлогот на Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ за собраниска декларација...

Тврдењата и изјавите што содржат навреди не водат кон пријателство, вели премиерот Заев за бугарскиот меморандум испратен до Европската Унија, во кој се бара билатералниот договор меѓу Скопје и Софија да биде дел од Преговарачка рамка за зачленување на Македонија во ЕУ. Тврди дека има решение од коешто, како што додаде, двете страни ќе излезат победници. Верува дека и бугарската страна оди во тој правец. Го повтори ставот дека правото на самоопределување и самоидентификација се темелни европски вредности, а посебноста на македонскиот јазик и идентитет се неспорен факт.
Единствено што донесе политиката на свиткана кичма, се нови порази наместо ЕУ интеграција, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, СДСМ и ДУИ наместо да работат за европска иднина и подобри услови за живот на народот, спроведуваат политика на поделби и сегрегација.
Пратеникот Антонио Милошоски бара од македонското МНР да испрати информација до парламентот за бугарскиот меморандум, што Софија го испрати до државите членки на Европската Унија. Како претседател на Комисијата за надворешна политика смета дека Собранието треба да донесе заедничка декларација во која што идентитетот на македонскиот народ, посебноста на македонскиот јазик и другите културни и национални обележја би биле заеднички потврдени и афирмирани како дел од европските вредности.
Милчо Велески
