Османи: Добиваме искусен дипломат и искрен сојузник на патот кон Брисел

18.09.2020 14:58

На примопредавањето на акредитивните писма на новиот евроамбасадор, Османи истакнал дека наименувањето на Дејвид Гир доаѓа во исклучително важен момент за нашата држава во однос на интеграцијата во ЕУ.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи оствари средба со новиот амбасадор и шеф на делегацијата на Европската комисија, Дејвид Гир. На примопредавањето на акредитивните писма на новиот евроамбасадор, Османи истакнал дека наименувањето на Дејвид Гир доаѓа во исклучително важен момент за нашата држава во однос на интеграцијата во ЕУ.

„Веруваме и очекуваме дека земјите-членки во рамки на германското претседателство наскоро ќе ја договорат преговарачката рамка и до крајот на годинава ќе ја одржиме првата меѓувладина конференција што ќе го означи конкретниот почеток на преговарачкиот процес. Се потпираме на вашето искуство и искрена поддршка на овој пат што ќе претставува историски заеднички успех уште на самиот почеток од вашиот мандат“, изјавил Османи на средбата со евроамбасадорот Гир.

Министерот за надворешни работи изразил задоволство што новонаименуваниот евроамбасадор е искусен дипломат кој професионално и принципиелно ќе се вложи во европската перспектива, во пресрет на објавувањето на годишниот извештај и пакетот за проширување на Европската комисија, во кој се очекува државата повторно да добие позитивни оценки.

Османи се заблагодарил и за поддршката од Европската унија за справување со последиците од пандемијата со Ковид- 19.