Состојбата со Ковид-19 во Општина Велес е под контрола

18.09.2020 15:10

Веќе една недела работат градинките, а во Велес во сите девет клона згрижени се вкупно 502 дечиња. Состојбата е под контрола и засега нема заболени од Ковид-19. Се почитуваат сите мерки за заштита, а поголем дел од денот дечињата го поминуваат во дворот на градинката, на воздух, сè додека дозволуваат временските услови …

Во деветте клона на детската градинка „Димче Мирчев“ од Велес, згрижени се 502 дечиња. Во првите седум дена состојбата во оваа институција е добра, се почитуваат сите препораки и засега нема заболено лице од Ковид-19. Од градинката велат дека редовно се врши дезинфекција на просторот каде децата се згрижени.

Додека во градинките состојбата е под контрола,во единицата на локалната самоуправа еден од вработените е суспектен на Ковид-19.Тест направил вчера, а резултатите ги чека во самоизолација.

Инаку пред самиот почеток на учебната година, две наставнички од едно основно училиште и двајца вработени од едно средно училиште се заболени од Ковид-19. Засега вкупниот број на заразени од овој вирус во Велес и околината е 296, а најмногу пациенти има од руралните средини, од кои 258 се оздравени, хоспитализирани 23, а 15 граѓани од велешко ја изгубиле битката со коронавирусот.

Памела Цилаков