Жените сè уште помалку платени од мажите за иста работа

18.09.2020 15:19

Жените заработуваат за 23 насто помалку од мажите за извршување на истите работни обврски. Здруженијата формираа Национална коалиција за еднаква родова плата за работа со еднакви вредности …

Бизнис жените и синдикатите се здружија во Национална коалиција, заедно ќе бараат еднаква плата со мажите за работа со иста вредност. За извршување на исти задачи, сега на глобално ниво, имаат за 23 насто пониско вреднуван труд, на национално ниво, јазот достигнува 19 проценти. Преку економско-социјалниот совет ќе форсираат транспарентност на платите, за да се избегне дискриминација и неутрални критериуми за оценување за напредок во кариерата.

Жените сочинуваат две третини од здравствената работна сила, го понесоа товарот од неплатената работа предизвикана од затворање на училиштата и градинките, голем број останаа без работните места во време на пандемијата. Соодносот на приходите во државава во однос на мажите е 0,5 насто, процент што говори за најголем јаз во регионот.

Солидна правна рамка за еднаквост на жените и мажите има, но здруженијата и синдикатите го делат ставот дека дискриминацијата на понежниот пол е кочница за напредок во претприемништвото и покрај истиот квалитет и квалификациите со мажите.

Сузана Фиданска Стоевска