Продолжи сведочењето во случајот „Организатори на 27-ми април“

18.09.2020 16:00

Неколку поранешни и актуелни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ сведочеа во одбрана на поранешниот спикер Трајко Вељаноски, екс- министрите Миле Јанакиевски и Спире Ристовски како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски во случајот „Организатори на 27-ми април“. Немале информации за тоа што се случи тој ден, беа нивните главни искази пред судот.

Поранешниот собраниски спикер Вељаноски, обвинет како еден од организаторите за насилните настани на 27-ми април во законодавниот дом, го прифати барањето на СДСМ, собраниската седница да продолжи следниот ден на 28-ми април, изјави пред судот сведокот пратеникот Миланов. Одговорно тврдам дека не сум имал никаква информација за тоа што се случи на 27-ми април. Немаше никаква организација од Кратово за 27-ми април.

Поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Борис Змејковски, призна дека еднаш присуствувал на протестите организирани од „За заедничка Македонија“. Со поранешните министри Ристовски и Јанакиевски, не сум имал никаков контакт. За „Тиранската платформа“ се дискутираше меѓу пратениците и во медиумите, додаде Змејковски.

Бранителот Миланов посочи дека клучно за одбраната е пратениците да одговорат дали сами побарале да дискутираат критичниот ден или биле инструирани.

Спикерот Џафери не сведочеше поради агендата на средби. Судијата образложи дека го известил судот оти може да дојде по 12 часот, но судот поради бројот на сведоците реши да сведочи на наредното рочиште.

Во „Организатори на 27-ми април“ сведоци на одбраната се и Нада Ципушева, Павлинче Честојнова и Драган Цуклев. По сведоците на Вељаноски, ќе се сослушуваат оние што се предложените од обвинетиот ексминистерот Јанакиески. Тие се товарат за кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

 

 

Фиљана Кока