Николовски: Се прават анализи за укинување или спојување на одредени владини агенции и инспекторати

18.09.2020 16:19

Во духот на рационализацијата, се прават анализи за укинување или спојување на одредени владини агенции и инспекторати, ги брифираше новинарите вицепремиерот Николовски. Се подготвува програмата за справување со корупцијата …

Се подготвува планот за координирање на институциите во борбата против корупцијата. Според вицепремиерот Љупчо Николовски извештаите на Државниот завод за ревизија треба да бидат патоказ. Смета дека мора да се рационализираат работите за поуспешно функционирање на државата. Посочи дека се правеле анализи кои од агенциите и инспекторатите би можеле да се спојат, или укинат.

Најави транспарентност и отчетност на институциите, јавните претпријатија и на управните и надзорните одбори. Николовски дециден, секој новоизбран директор на институција ќе мора да достави план и програма, визија за раководење со институцијата.

За третиот ешалон-директорските места, Николовски посочи дека ќе бидат сменети само оние на кои им истекува мандатот и оние со основа за нивно разрешување. В понеделник на заедничка маса ќе седне со институциите кои ќе ги координира за да се формира проектен систем за скенирање на проблемите.

Најави јакнење на капацитетите и зголемување на надлежностите за непречено функционирање на борбата против корупцијата.

Наташа Гркова-Петрушевска