САД

Протекоа документи со најголемите светски тајни

21.09.2020 14:09

Дел од најголемите светски банки им дозволувале на криминалци да префрлаат незаконски стекнати пари во висина од околу две илјади милијарди долари, покажуваат документите што „протекоа“ онлајн. Таканаречените „Датотеки фин-цен“ содржат повеќе од 2.500 документи за трансакции што банките ги испратиле до американските власти во периодот од 2000-та до 2017-та година...

Некои од најголемите банки во светот им дозволиле на криминалци да префрлаат валкани пари во износ од околу две илјади милијарди долари, покажуваат документи што протекоа во јавноста. Биле доставени до порталот „Базфид њуз“, по што биле споделени со Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари кои ги дистрибуирале до 108 различни новински организации во 88 држави.

Се работи за некои од најдоверливите документи на банките во кои тие пријавувале сомнителни однесувања на нивни клиенти, кои не се доказ за криминал или неправилности.

Сомнителни се преку 200.000 финансиски трансакции во периодот меѓу 1999 и 2017 година преку повеќе глобални финансиски институции. Во најголемиот дел од документите фигурира германската „Дојче банк“ која наводно служела како главен извор за перење пари на криминалци, терористи и трговци со дрога.

Документите покажуваат дека вмешани во перењето пари биле и Џеј Пи Морган Чејс, Стандард Чатерд, британската ХСБЦ и Банката на Њујорк- Мелон, кои дозволувале да се движат десетици и стотици милиони криминални долари.

Документите покажуваат и како руски олигарси ги користеле банките за да ги избегнат санкциите преку кои тие требало да се оневозможат да ги подигаат своите пари на западот.

 

Марина Ристова