Османи е оптимист дека ќе се надминат недоразбирањата со Бугарија

21.09.2020 14:14

Министерот за надворешни Османи е оптимист дека ќе се надминат недоразбирањата со Бугарија. Во однос на меморандумот од Софија до Брисел, и за Гоце Делчев, шефот на дипломатијата, вели дека комисијата ќе најде заеднички текст за толкување на разликите...

Скопје бара средба на највисоко ниво со властите во Софија за разрешување на ситуацијата со најавеното условување на Бугарија на почетокот на преговорите со ЕУ поради историски недоразбирања. Шефот на дипломатијата смета дека решението се содржи во Договорот за добрососедство според кој, нашиот источен сосед се обврзува да не ја сопира евроинтеграцијата на земјава.

Фактот што Северна Македонија и Бугарија се копретседавачи со Берлинскиот процес, укажува дека двете земји можат да бидат партнери, оценува Османи. Смета дека тоа ќе се покаже и на престојниот Самит во Софија.

Бугарија ќе поддржи почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија, оцени актуелниот генерален секретар на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу при посетата на земјава.

Претседавачот со ЕУ, Германија планира усвојување на преговарачката рамка во ноември и одржување на првата меѓувладина конференција до крајот на годинава. Берлин веќе реагираше дека една земја членка не може да блокира земја за почеток на преговори со Унијата.

 

Ирина Гелевска