Екстрадиран третиот осомничен за убиството на Саздовски
Еден од осомничените за убиството на Никола Саздовски, екстрадиран од Германија. Пренесен е во Истражниот затвор- Скопје. 21- годишното момче во јуни, 2018-та, веднаш по убиството на Саздо избега од државава. По него беше распишана потерница, а го фатила германската полиција...

21- годишниот Јетон Љужа, третоосомничен за убиството на Никола Саздовски, од Германија е екстрадиран во земјава. Се наоѓа во Истражниот затвор- Скопје. По него беше распишана потерница, а откако го лоцирале, македонската полиција соработувала со колегите од Германија. Љужа избегал веднаш по убиството на 29 јуни 2018-та.
Поради бегството, обвинителството нареди да се прекине истражната постапка, за таа да продолжи откако осомничениот ќе стане достапен на државните органи. Љужа се товари како соизвршител на грозоморниот чин, а другите двајца веќе се осудени на казни затвор од 19 години.
Саздовски беше убиен на автобуска постојка во Автокоманда. На судењето беше речено дека трите момчиња дејствувале заедно и на свиреп начин го лишиле саздовски од живот. Најпрво му пристапиле и му побарале лична карта. Откако оштетениот им ја покажал, обвинетите неочекувано започнале заедно истовремено да го удираат со боксови во пределот на главата и градите. На 9-ти јули 2018-та им подлегнал на здобиените повреди.
Наташа Гркова- Петрушевска
