Наместо карго аеродром- водоводи, канализации, градинки и патишта

21.09.2020 16:11

Во период од три години, почнувајќи од 2021-ва ТАВ ќе инвестира 49,7 милиони евра во проекти од јавен интерес што се договорени со Владата, а за кои веќе аплицирале општините. Ова се средства кои што согласно концесискиот договор, ТАВ требаше да ги инвестира во изградба на карго аеродром во Штип за кој анализите покажале дека не е економски оправдан. За да се реализира договореното на ТАВ со државата, ќе се менува и Законот за јавно приватно партнерство...

До крајот на неделава ќе биде готов четвртиот пакет  владини мерки, наменети за фирмите од најпогодените сектори и за граѓаните кои имаат најмногу потреба од помош за надминување на корона кризата, најави  министерот за економија Крешник Бектеши по средбата со менаџментот на ТАВ-Македонија. Со концесионерот  било разговарано  за пренамена на вкупно 49,7 милиони евра што турската компанија требаше да ги инвестира во изградба на карго аеродром во Штип. Бидеејќи анализата покажала економска неисплатливост проектот нема да се реализир , а парите ќе се пренаменат во проекти од јавен интерес на државата.

„Генерално преговорите одат кон тоа  реализацијата на сите овие проекти да се направи во период од 3 години , почнувајќи од наредната година. Проектите се веќе доставени од општините, разгледани се од експертите на министерството за транспорт и врски и сега треба само да се дадат  дозволи за градење од општините или од ресорот за транспорт и врски“, изјави министерот за економија, Бектеши.

„И во наш бенефит е наместо да се насочат тие пари во изградба на карго аеродромот во Штип што не би имал толкав економски бенефит за земјата, тие средства да се инвестираат за проекти што ќе бидат за бенефит и корист на граѓаните“, изјави Алпар Ерсој, генерален директор на ТАВ-Македонија.

Од пристигнатите проекти се гледа дека општините најмногу се  заинтересирани за изградба на:  водоводна и канализациска мрежа,градинки,училишта,но во два случаја и за општински згради,вели Бектеши.За да се реализира договореното со турскиот инвеститор  потребна е промена во законот за јавно приватно партнерство,што е обврска на ресорот за економија. Менаџментот на ТАВ- Македонија имал средба и со другите министерства на кои било дискутирано  околу правната рамка потребна за реалокација на  средствата наменети за карго аеродромот во Штип.

 

Свето Николовски