Два нови случаи на вработени во градинки позитивни на Ковид-19

21.09.2020 16:26

Вирусот се шири низ градинките во државата. Ковид-19 е потврден кај психолог во детска установа во Кочани, но и кај негователка во Куманово. Кумановската градинка продолжува со работа, децата не се во изолација.

Два нови случаи на вработени во градинки. Вирусот е потврден кај психолог во Кочани, но и кај негователка во објектот „Детелинка“ при градинката „Ангел Шајче“ во Куманово. Од кумановската градинка информираат дека негователката од петокот не присуствува на работа, бидејќи имала висок притисок и крвање од нос.

За случајот со позитивна негователка во кумановката градинка веднаш се известени надлежните од Министерството за труд и социјална политика, Центарот за јавно здравје, како и локалната самоуправа. По разговорите со епидемиолозите од Центарот за јавно здравје Куманово е  одлучено овој објект да не се затвори и децата да не се стават во изолација.

Од кумановската градинка информираат дека поголем број од дечињата кои што дента присуствувале во градинката, воопшто немале контакт со негователката.

„Од епидемилошката служба целосно се запознаени со начинот на нашето функционирање во овие вонредни услови и донесоа таква одлука. Родителите веднаш се информирани уште за викендот и тие така се изјасниле тие деца што во петок дошле денеска се дојдени во таа група“, изјави Марина Алексовска, директор ЈОУДГ „Ангел Шајче“ Куманово.

По случајот во објектот е извршена целосна деизинфекција. Инаку изминатата недела во Струмица беа регистирани три случаи на заразени деца, како и тројца вработени во градинки. Во Свети Николе пак денеска почнува со работа најголемиот објект на градинката Рахилка Гонева. Таму пак е тестиран еден административен работник, кој не бил во контакт со децата.

 

Елена Георгиевска