Земјоделство

Жетвата на оризот почна еден месец порано

22.09.2020 09:44

Жетвата на оризот почна еден месец порано од вообичаеното. Убавото време и насеаните сорти со покус вегетациски период и подобри приноси, го направија своето. Поголем дел од оризопроизводителите сепак ќе жнеат подоцна. Годинава беа засеани 20 проценти помалку од планираното.

Паднаа првите класови ориз во кочанско. Иако вообичаено кај нас оваа култура почнува да се жнее во првата половина на октомври, на парцела од неколку хектари во кочанско комбајните почнаа да работат најрано досега.

Причината  што влегоа во полето еден месец порано е насеаната сорта кај која вегетацијата е пократка, а навреме се направени ѓубрењето и другите агротехнички мерки. Приносите се поголеми и од натпросечните и изнесуваа скоро девет тони од хектар. За ваквиот род земјоделците велат дека е заслужно и убавото и поволно време што го следеше оризот целата сезона.

Инаку годинава во Кочанско се засеани околу 3.500 хектари со оваа култура, што е за дваесетина проценти помалку од планираното, а се очекува вкупен принос од околу 18 илјади тони оризова арпа. Минатата година беа засеани 4.000 хектари и се собраа од 25 до 30 илјади тони ориз.

На почетокот на ланската жетва, земјоделците беа незадоволни од откупните цени, односно им се нудеа од 45 до 48 денари за покрупните сорти, а за поситните од 40 до 43 денари за килограм. По која цена ќе се откупува годинашниов род е сѐ уште неизвесно.

Методија Трајков