Виена ќе го испорача Шиповиќ
Австрискиот министер за правда ја одобрил екстрадицијата за првоосомничениот
Австрискиот министер за правда ја одобрил екстрадицијата за првоосомничениот во аферата „Машинопромет”, претседателот на советот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ, потврдуваат од македонското министерство за правда. Документот го добиле во петокот, по што во координација со МВР веќе се преземаат дејства за деталите на процедурата на испорачување. Преостанува техничката изведба и организацијата за постапката.
Според законот, рокови не се пропишани. Од ресорното министерство велат дека нема да го откриваат денот и времето на екстрадицијата.
Шиповиќ, кој го најави своето враќање во Македонија со летот од САД до Франкфурт преку Виена во Скопје, беше уапсен на виенскиот аеродром. Тој е првоосомничен во случајот „претседавач“, со кој се опфатени вкупно 12 лица осомничени за злоупотреба на службената положба и помагање на истото дело. Според истрагата, од 2008 до 2011 година, осомничените го оштетиле „Машинопромет“ за повеќе од еден милион евра. Дел од приведените се членови на управниот и надзорниот одбор на „Машинопромет“, сопственици на приватни фирми и вработени во Управата за јавни приходи.
