Европа

Бројот на пратеници во Италија се намалува за една третина

22.09.2020 14:22

Бројот на пратеници во Италија се намалува за една третина. Наместо 946, вкупно 600 членови во Долниот дом и Сенатот. Опцијата ја поддржаа нешто помалку од 70% од граѓаните кои веруваат дека со тоа земјата ќе заштеди десетици милиони евра...

Мнозинството Италијанци го поддржаа предлогот за драстично намалување на бројот на парламентарци. Според одлуката од историскиот референдум кој се одржуваше два дена, наместо 945, сега во Долниот дом и во Сенатот ќе има 600 пратеници. Опцијата ја поддржаа нешто помалку од 70% од граѓаните кои веруваат дека со тоа Италија ќе заштеди десетици милиони евра и ќе се спаси од, како што велат, „расипништвото на политичарите“. И покрај пандемијата со ковид-19, излезноста беше над 50%. За Владејачкото Движење 5 ѕвезди и коалицискиот партнер - центролевичарската Демократска парија – ова ќе ги намали расходите, а ќе ја зголеми ефикасноста на законодавниот дом. Измената којашто веќе доби зелено светло од Парламентот требаше да добие поддршка на референдум бидејќи го менува уставот. Реформите ќе мора да се спроведат пред изборите во 2023 година.

„Ова потврдува дека Демократската партија е сила на промени, која овозможува дури и во мандатот на оваа влада, пат кон иновација и модернизација на институциите кои одамна ни беа потребни. Со победата на опцијата „да“, пред нас се отвора сезона на реформи“, изјави Никола Цингарети, лидер на Демократската партија.

Опонентите сметаат дека заштедата ќе биде скромна во однос на националниот буџет, а со реформата ќе се намалело застапувањето на граѓаните и ќе се загрозела демократијата.

„Како може парламент кој е дискредитиран од своите граѓани кои бараат 300 пратеници помалку да кореспондира со волјата на народот, и како толку мала партија, која веќе не ни постои, е легитимна за да ја води земјава? Не барам и никогаш не сум барал предвремени избори, но што поскоро, толку подобро, независно од регионалните избори“, вели Матео Салвини, лидер на партијата „Лига“.

За дел од експертите, ова е шанса за преиспитување на односот меѓу владата и парламентот, и таа не смее да се злоупотреби од сегашното мнозинство.

„Изгледа дека антиполитичкото расположение е сè уште силно во Италија. Причината зошто повеќето гласаа за намалување на парламентарците е желбата да се има помалку политичари. Ова може да биде шанса за поефикасни процедури, за преиспитување на релацијата меѓу владата и парламентот. Може да биде одлична можност за подобрување на институциите кои не се многу продуктивни“, изјави Џовани Орсина, професор по политички науки.

Паралелно со референдумот се избираа и градоначалници и регионални гувернери. И двете гласања беа одложени поради пандемијата со Ковид-19.

Маја С. Филдишев