Табановце: Со зелени коридори до забрзан проток на стоки
Брз и слободен проток на стоки, но и економска заштеда во вонредната состојба овозоможија зелените коридори и затоа овој модел треба да продолжи да се реализира и да биде пример во регионот. Ова беше истакнато при денешната посета на претставниците на ЦЕФТА на граничниот премин Табановце-Прешево. Со ЦЕФТА годинава претседава Царинската управа на Северна Македонија.

Зелените коридори и отворањето дополнителни ленти овозможија забрзан проток на стоки, во услови на здравствената криза и затоа ќе продолжат и понатаму да се применуваат, е заклучокот од денешната посета на граничниот премин Табановце-Прешево на претставниците на меѓународните организации во рамки на ЦЕФТА, со која годинава претседава Царинската управа на Република Северна Македонија. Коридорите одиграа клучна улога во намалувањето на негативните ефекти од кризата, но и слободен проток на медицински, прехранбени материјали и земјоделски производи, смета директорот на Царинската управа.
„Овие зелени коридори заедно со приоритетните ленти ќе претставуваат и идна цел на Царинската управа на РСМ во контекст на ниво проширување и дури овозможување доколку е можно да бидат воведени на самите граници помеѓу ЦЕФТА страните со членките на ЕУ“- вели директорот на Царинската управа на РСМ, Ѓоко Танасоски.
Со отворањето на зелените коридори на кои постојано би имало слободен проток на стоки, без застој, регионот би требало да заштеди до 800 милиони евра годишно.
„Ако успееме сите ние на нашите премини да ги спроведеме таквите коридори кои се 24/7 отворени и покажеме добар пример веројатно тоа ќе може да се преслика на сите премини во регионот“, изјави Мајлинда Брегу-генерален секретар на Советот за регионална соработка.
„Голема е цената што се плаќа за чекањето доколку не минува така брзо, мислам дека логистичките трошоци на фирмите и на граѓаните кои предолго чекаат на премините се два пати повисоки од оние од ЕУ“, изјави Матеј Закоњшек- директор на ЕУ Транспортна заедница.
Пред претставниците на меѓународните организации се презентираше иконтролата со едно запирање, која од лани се применува со соседна Србија, како прв чекор кон подобра економска и регионална соработка. Инаку државата од 2006 година е членка на Централноевропскиот договор за слободна трговија, во кој членуваат земји од Југоисточна Европа: Албанија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Србија, Црна Гора и Косово.
Елена Георгиевска
