Медиумите цел во „Таргет- Тврдина“, новинари сведочеа во случајот со масовното прислушување

22.09.2020 16:25

Кога ќе добиете демант од влада или институција пред да го објавите прилогот за кој никој освен вас немал информација, веднаш се појавува сомнежот дека сте прислушувани, сведочеше поранешната новинарка и уредничка во А1 телевизија Катерина Цаневска...

Кога ќе добиете демант од влада или институција пред да го објавите прилогот за кој никој освен вас немал информација, веднаш се појавува сомнежот дека сте прислушувани, сведочеше  поранешната новинарка и уредничка во А1 телевизија Катерина Цаневска. Сомнежот се потврди, четири мои телефони биле прислушувани, приватниот дури 360 дена. Ќе барам оштета заради ударот врз демократијата пред сѐ, рече пред судот Цаневска.

Уредникот на „Сакам да кажам“, претходно на „Вест“, Михајловски, се сомневал како тоа кога за нешто разговарал по телефон со извори за „Вест“, добивал  повик од менаџмент на весникот тоа да не се објави. Рече, се чувствува оштетен, поради  чувство на несигурност и за себе и за  изворите.

Сашка Цветковска, му рече на судот дека се чувствува оштетена пред сѐ на професионален план. Истражувавме за имотот на политички експонирани лица. Едно од тие лица беше и Сашо Мијалков. Објавивме неколку истражувања, па бевме напаѓани дека сме предавници на државата, вели Цветковска.

Станав свесен во 2010-та година дека ме прислушуваат откако објавив текст дека се прислушуваат државниот обвинител и обвинители од Гевгелија, наведе во својот исказ Саше Димевски. „Остваруваме 24/7“ на крајот на секој разговор, ни беше поздрав со колегите, со цел да ставиме до знаење дека сме свесни за прислушувањето. Моите приватни и интимни разговори се најдоа како на зелен пазар, тоа тешко ми го наруши здравјето, додаде Димевски и побара отштета од 200 илјади евра.

Младен Чадиковски, Борјан Јовановски и Јадранка Костова дознале дека се прислушувани од папките кои им ги поделиле на прес- конференцијата во СДСМ. Костова посочи дека била изложена на мобинг со преку 12 тужби во 2011-та година.

Сашо Ордановски посочи дека бил цел на пропаганда на тогашните власти. Ноќта меѓу 3-ти и 4-ти мај 2015-та година му било кренато во воздух возилото во Бардовци. Потоа ја напуштил државата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008-ма до 2015-та година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

 

Фиљана Кока