Брисел

Следните чекори за европскиот пат на земјава во фокус на разговорите меѓу Димитров и Вархеји

22.09.2020 16:33

Во мандатот на оваа Европска комисија се очекуваат опипливи резултати од економската програма за развој и инвестиции во земјите од Западниот Балкан, кои директно ќе влијаат и ќе бидат од полза и на македонските граѓани. Ова една од пораките на еврокомесарот за проширување на средбата со македонскиот вицепремиер за европски прашања. Ова е прва посета на Димитров на Брисел по преземањето на новата функција...

Следните чекори на европскиот пат на земјава во фокусот на разговорите на вицепремиерот за европски прашања Димитров со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во Брисел. Потенцирале дека периодот што следи е суштински за европската иднина на Северна Македонија, во кој државата ќе покаже нагласена политичка заложба и ќе ги впрегне целокупните капацитети за натамошна испорака и имплементација на реформи во клучните области.

Еврокомесарот Вархеји информирал дека за време на мандатот на оваа комисија, се очекува да се испорачаат опипливи резултати од економската програма за развој и инвестиции во земјите од Западниот Балкан, кои директно ќе влијаат и ќе бидат од полза и на македонските граѓани.

Почеток на пристапните преговори е еден од врвните приоритети на Германија, потврдил германскиот државен секретар за Европа, Михаил Рот на средбата со вицепремиерот за европски прашања Димитров.

Одржувањето на првата меѓувладина конференција за време на германското претседателство со ЕУ е заедничка цел, што ќе претставува успех за Северна Македонија, Унијата и Германија, се согласиле Димитров и Рот.

Вицепремиерот за европски прашања посочил дека Северна Македонија е цврсто решена да стане просперитетна европска демократија во која владее правото, а пристапниот процес е најдобрата алатка за воведување на европските стандарди и принципи.

 

Ирина Гелевска