Земјоделство

Помал род на тутунот

23.09.2020 10:46

Годинава родот на тутунот ќе биде помал од лани. Според земјоделците, временските услови направија бербата да им биде помала, но велат дека квалитетот е добар. Досега се собрани 70 проценти од реколтата. Тутунопроизводителите бараат и повисоки откупни цени од минатата сезона.

Годинава родот на тутун ќе биде помал за 3.500 тони проценува Сојузот на тутунски здруженија.

Досега се собрани скоро 70 проценти од реколтата, а велат и дека квалитетот е добар и нема многу да се разликува од ланскиот.

Тутунарите уште при склучувањето на договорите со откупувачите побараа повисоки откупни цени по класи. Дел од монополите минимално ги зголемија цените, но тоа е малку и недоволно порачуваат од здружението.

Сметаат дека првата класа треба да остане 280 денари за килограм. За втора да добијат 220, за трета 170, а четврта класа да биде 90 денари за килограм. Досега на откупните пунктови, некои компании ја зголемија втората класа но само до 206 денари, а третата на 155. За четвртата ,пак, нема разлика во барањето и цената. Таа е веќе се плаќа 90 денари. 

И во овој сектор најголем проблем е недостигот од аргатска работна рака. За еден час берење, се плаќа од 160 до 170 денари.

Тутунарите се надеваат на поволно време за да ја приберат и последната третина од годинашниов род на тутунот.

Методија Трајков