Зелениот фронт против мали хидроцентрали бара спас за Лешница
Нема да дозволиме поради богатење на одредени поединци да се уништи најживописниот предел на Шар Планина, нагласија од Иницијативата „Зелен фронт против мали хидроцентрали“. Синоќа од Тетово ја почнаа кампањата под слоганот „Спас за Лешница, стоп за мали хидроцентрали“.

Одземање на вода, сеча на шума, а со тоа и појава на ерозивни процеси. Отворање на пристапни патишта во недопрена природа ќе бидат само дел од последиците од изградбата на малите хидрицетрали на Шар Планина, потенцираат од Инцијативата „Зелен фронт против мали хидроцентрали“.
Оттаму велат дека со ваквите проекти губат сите, особено мештаните од високопланинските села, кои ќе останат без капка вода. На Шара досега има изградено 11 хидроцентрали, а државата има дадено и дозволи за уште 9 нови вакви проекти.
Од Иницијативата сметаат дека дозволите за изградба на хидроцентралите се дадени на незаконски и коруптивен начин.
Заради штетното влијание врз природата и врз луѓето, досега во Европа урнати се околу 400 мали хидроцентрали, а во САД – повеќе од 1.000 хидроцентрали, соопштија од Иницијативата. Оттаму за престојниот викенд, најавија мирен протест против изградбата на хидроцентралите во месноста Лешница.
Зоран Димовски
