Евроинтеграции

Владеењето на правото- клучно за евроинтеграциите

23.09.2020 13:11

Можен почеток на преговорите со Европската унија до крајот на годинава. Премиерот Зоран Заев, по првата средба со новиот шеф на мисијата на ЕУ, Дејвид Гир, изрази очекување дека дискусијата за преговарачката рамка во Брисел ќе има успешна завршница на Советот на општи прашања на 10-ти ноември, по што ќе биде реално да очекуваме одржување на првата меѓувладина конференција во декември. Амбасадорот Гир порача, потребно е да реформираат сите области, особено владеењето на правото што е еден од клучните кластери во преговорите според новата методологија за проширување на ЕУ …

Владеењето на правото ќе биде клучната област на која треба да се фокусирате во наредниот период – посочи новиот евроамбасадор во земјава, Дејвид Гир. Ова поглавје ќе биде прво отворено при преговорите со Европската унија, а последно затворено. Гир очекува до крајот на годинава, за време на германското претседателство да се одржи првата меѓувладина конференција, која всушност го означува и почетокот на преговорите со ЕУ. Тој ја потенцираше важноста на добрососедските односи којашто, како што рече, е исто така е дел од процесот на проширување.

„Во крајна линија процесот на пристапување кон ЕУ е врвна цел којашто ги ангажира сите политички сили и општеството зад нив. Токму затоа сакаме Владата и сите политички сили и сите делови од општеството да се вклучат во овој процес. Одлуката да се почнат преговорите за Македонија беше донесена во март, ова беше историски настан, потоа Европската комисија ја изложи нацрт преговарачката рамка, која беше дискутирана од земјите-членки, коишто требаше да се согласат околу неа и потоа треба да се усвои и да се одржи првата меѓувладина конференција. Се надеваме дека ова ќе се случи што поскоро и потоа треба да ги засукаме ракавите и да продолжиме со реформскиот процес, да ги забрзаме напорите, коишто веќе се прават во насока на постигнување на целта – пристапување во ЕУ“, изјави евроамбасадорот Гир.

Нашата намера е да ја активираме брзата лента на преговорите по поглавја со целосно и безусловно исполнување на нашата ЕУ-агенда. Нема да дозволиме причини за нови одлагања-истакна премиерот Зоран Заев. Осврнувајќи се на последните случувања со Бугарија и можната блокада, премиерот Заев рече дека очекува до ноември да биде изнајдено решение за спорните прашања со источниот сосед. Според него, оптимизам даваат сигналите од европските партнери дека билатералните прашања не треба да бидат камен на сопнување.

„Со Република Бугарија сме сојузници во НАТО, имаме заедничка обврска и должност да ги подобруваме добрососедските односи, меѓусебната соработка и да градиме пријателство. Духот на добрата волја и пријателството коишто произлегуваат од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка нè обврзува да се фокусираме на зајакнување на односите меѓу двете земји и да ги почитуваме правото на самоопределување и самоидентификација како темелни европски вредности“, изјави премиерот Заев.

Во однос на неговиот личен став за тоа што е Гоце Делчев, Заев рече дека тој е македонски револуционер, но факт е и дека бугарите го сметаат за свој, како и дека на историските личности треба да гледаме основа за градење уште подобри врски меѓу македонскиот и бугарскиот народ, а не да ги ставаме под тепих, бидејќи тоа не е добро за европската иднина целиот овој регион.

Марина Стојанова-Тонева