Построги рестрикции поради ширењето на Ковид-19
Нови рестрикции во Обединетото Кралство поради влошената епидемиолошка состојба. Се скратува работното време на локалите, а за непочитување на наредбата за самоизолација е предвидена казна и до 10 илјади фунти. Во Шкотска се воведува и забрана за користење на ист автомобил. Граѓаните не смеат да посетуваат други домаќинства...

За наредните шест месеци, британската влада најави нови, построги рестрикции поради пандемијата со ковид-19, со цел да се избегне враќање на националниот карантин. Научниците предупредуваат дека бројот на инфицирани се удвојува на седум дена, така што до средината на октомври прогнозираат 49.000 случаи на ден, доколку не се преземат радикални чекори. Премиерот Борис Џонсон смета дека зачестените прекршоци на правилата му дозволиле на невидливиот непријател да се протнува насекаде без да биде забележан. Британската влада се соочуваше со остри критики поради начинот на кој се справува со последиците од коронавирусот, особено поради наглите промени на политиката. Во јуни беа намалени рестрикциите, а во август владата ги охрабри граѓаните да ги посетуваат пабовите и им понуди шема за попуст доколку ги користат нивните услуги. Сега повторно се активираат строгите правила. Од 28 септември, секој што ќе одбие да оди во самоизолација, а има позитивен резултат на тестот за ковид-19 или е назначен како близок контакт, ќе мора да плати казна и до 10 илјади фунти. За оние со пониски примања кои се соочуваат со загуба поради самоизолација е предвидена еднократна парична помош од 500 фунти.
„Пакетот построги мерки во Англија вклучува рано затворање на пабовите, баровите, угостителски објекти, затворање на бизнисите кои не се безбедни од ковид, проширување на употребата на маски, нови казни за непочитување на мерката. Повторно, канцелариските работници да работат од дома доколку можат, и да се почитува правилото за група од шестмина во затворен и отворен простор“, изјави премиерот Џонсон.
Угостителскиот сектор повторно обесхрабрен. Покрај загриженоста за здравјето во екот на пандемијата, најавата за нови мерки им ја врати и агонијата со која се соочуваа при секоја промена на правилата кои им ги загрозуваа изворите за егзистенција. Компаниите бараат јасна стратегија од владата.
„Ако затвораат во 22 часот, значи, последните нарачки мора да се направат во 21 часот. Тоа ги препопловува приходите, му наштетува на секторот. Ова е најголемиот предизвик за нас. Пред нас е зима со сериозно нарушена трговија. Неизвесно е дали ќе имаме настани за Ноќта на вештерките или за Нова година, неизвесност која ќе трае најмалку шест месеци“, изјави Кејт Николс, директорка на здружението „УК Хоспиталити“.
Во Шкотска се забранува и употреба на ист автомобилски превоз, како и посети на други домаќинства.
„Додека научните откритија како што е вакцината не ја променат играта во битката против ковид-19, заразата ќе влијае значително врз нашиот живот. Тоа не мора да значи дека новите рестрикции ќе траат шест месеци. Ако реагираме рано, се надеваме дека тие ќе се спроведат во покус период“, изјави шкотската премиерка Никола Старџен.
Британија има најголем број смртни случаи во Европа предизвикани од ковид-19.
Маја С.Филдишев
