ВИК доби државна поддршка за втор инвестициски циклус

23.09.2020 14:24

Германската компанија ВИК Македонија во вториот циклус ќе инвестира 2,5 милиони евра. Вицепремиерот за економски прашања Битиќи и генералниот менаџер на компанијата Вернер Шоеб, го потпишаа договорот за државна поддршка. Во Технолошко- индустриската развојна зона Прилеп, во првиот циклус биле инвестирани 10,5 милиони евра, а вработени се 250 лица.

Корона- кризата однела над 12 илјади работни места заклучно со август, открива вицепремиерот за економски прашања Битиќи. Луѓето остануваат без работа.

Од Владата велат дека финишираат пресметките кои треба да покажат за колку ќе се задолжи државата и колку пари ќе бидат потребни за новиот пакет мерки за заживување на економијата, за враќање на дел од загубените работни места или за отворање нови.

И во време на криза, дел од компаниите го прошируваат бизнисот. Германската компанија „ВИК“, која оперира во зоната во Прилеп, ќе инвестира дополнителни 2,5 милиони евра. Тоа треба да донесе 100 нови вработувања.

Во јавниот сектор, пак, Владата информира дека останува одлуката за 20 процентно намалување на администрацијата и нејзино префрлање во приватниот.

 

Дијана Ценевска