Аспендос – од спектакуларни гладијаторски борби до Павароти
Градчето Аспендос е основано во XII век пред нашата ера и долго време важело за значајно трговско место, пред сè поради производството на луксузна роба, ќилими, вино итн. Во својот поход кон истокот, во 333 година п.н.е., Александар Македонски го освојува Аспендос, по што овој град станува дел од Пергамонското кралство.

Локалното население на античкиот град Аспендос, којшто се наоѓа на 48 километри источно од Анталија во Турција или 94 километри западно од Аланија, тврди дека амфитеатарот во овој град е сведок на многу значајни настани во последните 2000 години - од спектакуларни гладијаторски борби во античко доба, па се до оперските претстави на прочуениот италијански тенор, Лучијано Павароти. Оваа градба се вбројува во најсочуваните римски амфитеатри на светот. Многу императори, војски поминувале тука и сите му се восхитувале, вложувале во него, адаптирајќи го за сопствени потреби.
Градчето Аспендос е основано во XII век пред нашата ера и долго време важело за значајно трговско место, пред сè поради производството на луксузна роба, ќилими, вино итн. Во својот поход кон истокот, во 333 година п.н.е., Александар Македонски го освојува Аспендос, по што овој град станува дел од Пергамонското кралство.
Театарот во Аспендос е изграден во втората половина на II век, за време на владеењето на Римскиот Цар Марко Аурелио. Архитектот Зено (грч. Ксено - „странец“) го проектирал ова импозантно здание со цел, во претставите да уживаат од 12 000 - 15 000 гледачи. Театарот има 40 реда мермерни седишта, а на самиот врв има галерија на која некогаш седеле жени, деца, а истото било резервирано за припадниците на понискиот сталеж. Просцениумот (сцената) бил богато декориран со 40 столба и мермерни фигури. Голем дел од фигурите, денеска се дел од Археолошкиот музеј во Анталија - поставени да сведочат за едно време далечно, античко. Амфитеатарот имал дрвена сцена со неколку „порти“. Кога театарот добил друга намена, преку долните отвори се пуштале диви ѕверови со кои гладијаторите си ги одмерувале силите. Навистина импозатно!
Северно од Аспендос, тесниот пат кој се пробива низ малите селски куќи, ќе ве однесе до римскиот аквадукт. Величественото древно здание кое заедно со две поврзани кули сведочи за умешноста на древните народи е изградено пред околу 2120 години. Со оваа градба, долга 8 километри, во тоа време се обезбедувала вода за целиот град. На ова место, освен остатоците од некогашниот водовод, ќе ве пречекаат љубезните мештани кои задолжително ќе ве понудат со сок од свежо цедена калинка. Во овие предели ја има во изобилие.
ПЕРГЕ
Ако некогаш посакате да одите по патот на Светиот апостол Павле, тогаш секако треба да се упатите кон античкиот град Перге. Неговата мисија за ширење на христијанството во централна Анадолија, почнува токму тука. Перге се наоѓа на 18 километри источно од Анталија, по патот кој води кон планината Таурус. Овој антички локалитет е еден од најдобро сочуваните локалитети во Турција. Иако древните записи сведочат за постоењето на оваа населба уште од времето на Хетите, својата ренесанса ја доживува околу 333 година п.н.е, за време на владеењето на Александар Македонски.
По пропаѓањето на Александровото царство, Перге станува центар на Селеукидското царство, а потоа станува предизвик за Римјаните, па за Византијците кога и го губи својот примат.
Големата римска порта на древниот град Перге која датира од II век н.е претставува влез од времето на римското царство. Со првиот чекор внатре ќе добиете слика за добро организирана населба во која има систем за подземно греење, јавни бањи, подни мозаици, големо јавно купатило, продавници.Тука се и остатоците од некогашната Агора и мал кружен храм посветен на богот Хермес. Голем број на статуи, саркофази и други предмети кои се дел од богатата колекција на Археолошкиот музеј во Анталија се пронајдени токму во Перге. Од неговата лева страна се наоѓаат остатоците од амфитеатарот во Перге. Изграден во грчко-римски стил во II век н.е, со капацитет од 13.000 седишта, овој амфитеатар бил место каде древното население имало можност за свое културно воздигнување. Археолошките ископувања во овој локалитет траеле долго, но вродиле со плод. Скулптурите пронајдени токму во Перге, се сочувани во Археолошкиот музеј во Анталија, му овозможуваат епитет – најбогат археолошки музеј во овој регион, а трет во Турција. Токму во амфитеатарот во Перге, пронајдена е скулптурата на големиот војсководец Александар Македонски која е поставена на централното место во археолошкиот музеј. Не пропуштајте да влезете и во античкиот стадион којшто се наоѓа во непосредна близина на амфитеатарот.Овој стадиион кој датира од II век н.е има необичен овален облик,а според податоците на археолозите, древните борби можела да ги следи 12-илјадна публика.
Античките градови Аспендос и Перге се вистинско светско културно наследство. Тие се секогаш привлечна туристичка атракција за оние кои Анталија ја избрале за своја туристичка дестинација. Иако Турција ги отвори границите за туристите низ светот, според податоците на Министерството за култура и туризам на Турција, како резултат на глобалната пандемија предизвикана од Ковид 19, туристичката стапка е намалена за 78% во споредба со минатата година. Според последните официјални податоци, Турција од почетокот на годината до август 2020, ја посетиле речиси 5,5 милиони странски туристи.
Археолошкиот музеј во Анталија, според податоците пред пандемијата со Ковид-19 има посетеност од речиси 30 000 посетители на годишно ниво. Оваа година и покрај сите рестриктивни мерки за заштита преземени од Турската влада, таа бројка е далеку помала.
