Нови масовни протести по тајната инаугурација на Лукашенко

24.09.2020 13:27

За САД, Лукашенко не е легитимен претседател на Белорусија. Официјалниот став на Вашингтон доаѓа неколку дена откако високиот претставник на Европската унија Жозеп Борел изјави дека изборите во Белорусија биле фалсификувани. По инаугурацијата на Лукашенко, ескалираа протестите на опозицијата во Минск...

Ескалираа судирите во неколку белоруски градови откако претседателот Александар Лукашенко ненајавено даде заклетва на тајна инаугурација и покрај барањата за негова оставка. Поради најновите нереди во кои стотици беа уапсени, САД соопштија дека нема да го признаат неговиот нов мандат. Стејт департментот инсистира на национален дијалог кој би довел до слободни и фер избори со независни набљудувачи. Мандатот на Лукашенко не е признаен ниту од ЕУ.

„Дури и по церемонијата, Лукашенко не може да тврди демократски легитимитет што е предуслов да биде признаен за претседател на Белорусија. Тој и неговиот табор користат сила против мирните демонстранти, и тоа мора да запре“, изјави Штефан Зајберт, портпарол на владата на Германија.

„Белорусите имаат право самостојно да си ја креираат политичката иднина“, изјави претседателот на Полска Дуда.

„Во името на солидарноста, сите мораме да зборуваме во еден глас и да бараме да се почитуваат основните човекови права, и во Белорусија и на другите места во светот. Не смее да се дозволува угнетување на политички опоненти, масовни апсења на мирни демонстранти, или употреба на сила или насилство против нив“, изјави Анджеј Дуда, претседател на Полска.

Иако освои 10% од гласовите  на последните претседателски избори, главната опозиционерка на Белорусија Светлана Тихановскаја којашто е во егзил во Литванија, себеси се прогласи за единствен лидер избран од народот. За неа церемонијата за инаугурација на Лукашенко била фарса со којашто се најавило неговото пензионирање.

„Европските земји ги поддржуваат нашиот народ и барањата за крај на насилството, ослободувањето на политичките затвореници и одржувањето на нови, праведни и транспарентни избори. Тие сакаат да дадат вистинска поддршка, постојат сериозни инвестициски пакети наменети за Белорусија по победата на демократијата. Заедно ќе победиме“, вели Светлана Тихановскаја.

Лукашенко владее 26 години со поранешната советска држава во која денеска живеат девет и пол милиони жители.

Маја С. Филдишев