Бугарија против меѓувладина конференција Македонија- ЕУ

24.09.2020 15:38

Официјална Софија со нова најава – „Не е време да се закаже прва меѓувладина конференција Македонија- ЕУ“. Ова го изјави вицепремиерот и министер за одбрана Каракачанов, нагласувајќи дека „зборува во име на владата“. Ваквите изјави не помагаат и не се во духот на договорот. Емоциите не се сојузник во решавање на билатералните прашања- реакција од македонската влада.

Во бугарската влада се повторуваат истите ставови дека земјава не треба да почне преговори со ЕУ поради билатерални недоразбирања со источниот сосед. Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов за бугарските медиуми изјави дека не е време да се закаже првата меѓувладина конференција на ЕУ со Северна Македонија.

Бугарија треба да се спротивстави на првата меѓувладина конференција, ако држи до своите национални и европски интереси“, изјави Каракачанов.

Македонската министерка за одбрана Шеќеринска ја коментираше последната изјава на Каракачанов и потсети на Договорот за пријателство. Шеќеринска возврати- во интерес на Бугарија е евроинтеграција на регионот.

„Ние покажавме дека со сите наши соседи можеме да бидеме пријатели. Кажавме и дека сме подготвени да инвестираме во таков сојузнички однос и ќе продолжиме да градиме и понатаму таква политика. Очекуваме нашите сојузници и пријатели да му помогнат на регионот, а не да му одмагаат. Единствен начин да му помогнеме на овој регион е да му дадеме шанса да има подобра и европска иднина“, нагласи министерката за одбрана Шеќеринска.

Како до решение на недоразбирањето на софија и скопје што се појави околу историски недоразбирања  и стана пречка за евроинтеграцијва на земјава, тема и на видеотрибината во која учествуваше вицепремиерот за европски прашања Димитров со претставници од Бугарија.

„Треба да постои ограничување за темите што ќе бидат вметнати во преговарачкиот процес, а тие треба да бидaт европски вредности и принципи. Соочени сме со нешто што не треба да биде европа во 21-ви век за тоа кои сме, кој јазик зборуваме. Ова е строго внатрешно прашање, кое е во темелите на нашата сувереност и во нашето право за самоопределување и самоизразување“, изјави вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.

„Тој договор не функционира во целост на двете страни. И токму затоа е потребно да се вложат повеќе напори“, рече Весела Чернева- заменик директор на Европскиот совет за надворешни работи.

Предлог преговарачката рамка на Европската комисија за почеток на преговори со Северна Македонија во март беше едногласно усвоена со забелешки на Софија. За време на претеседавањето со Унијата, Германија очекува усвојување на рамката од сите земји- членки во ноември и одржување на прва меѓувладина конференција Брисел- Скопје при крајот на годинава.

 

Ирина Гелевска