Владата ќе ги разгледа барањата на родителите кои користеа породилно отсуство
Средба на премиерот Заев и министрите Филипче и Шахпаска со родителите кои протестираа поради одлуката да се вратат на работа од 23-ти септември. Бараат почитување на препораката на епидемиолозите за продолжување на породилното отсуство до 31-ви декември годинава. Од Владата одговор, ќе покажеме флексибилност и ќе го разгледаме барањето, но мора да научиме да живееме со пандемијата...

Претставници на родителите кои ја користеа мерката за продолжено породилно отсуство поради пандемијата со КОВИД-19, се сретнаа со премиерот Заев, министерката за труд Шахпаска и министерот за здравство Филипче. Побараа пролонгирање на мерката со која се ослободуваат од работните обврски, со цел адаптација и поефикасно згрижување на децата.
Од Владата велат - приоритет е здравјето и благосостојбата на децата и на сите граѓани, барањето ќе биде разгледано.
„Земаме обврска да ги разгледаме вашите барања и потреби и да ви дадеме повратен одговор во најкус можен рок. Ќе покажеме максимална флексибилност за одредени специфични случаи. Што се однесува до епидемиолошката слика, ние будно ги следиме препораките на Комисијата за заразни болести и следствено, секогаш размислуваме за донесените одлуки, нивната оправданост и потребата за нивна корекција. Здравјето на граѓаните е наш приоритет, но мораме да научиме да живееме со пандемијата“, соопштија од Владата.
Министерот Филипче појасни дека со медицинска документација, родителите на деца кои влегуваат во ризична група, може да бидат изземени од обврската да се вратат на работа. Шахпаска, пак, ги уверила дека во градинките има слободни места.
Мајките кои се на продолжено породилно досега двапати протестираа.
Дијана Ценевска
