Обвинителството побара најстроги казни за Груевски и Јанакиески за насилствата пред Општина Центар

24.09.2020 15:50

Во Кривичниот суд, завршни зборови на обвинителството за случајот „Насилство во Центар“. Обвинителката Фатиме Фетаи го повлече обвинението за тогашната советничка, Даниела Рангелова, Борче Богдановски и Милан Андоновски, а побара условна казна за Игор Бошковски. Побара затворски казни за обвинети Никола Груевски и Миле Јанакиески...

Најстроги казни за поттикнувачите за насилствата пред Општина Центар, Груевски и Јанакиески, побара обвинителката Фатиме Фетаи во завршните зборови за овој предмет. Таа рече дека ваквите казни треба да ги одвратат сите други од такви намери. За Рангелова, Андоновски и Богдановски е повлечено обвинението.

„Знаев дека аргументите се на моја страна зашто сум ставена во обвинителен акт без никакви докази“, рече поранешната советичка во општината, Рангелова.

Одбраната на обвинетиот Александар Трајковски побара ослободителна пресуда, бидејќи обвинителството не го докажало кривичното дело. Обвинетиот Миле Јанакиески своите завршни зборови треба да ги даде в понеделник. Неговиот адвокат рече дека обвинителството дало сосема нов обвинителен акт со нов опис што ја менувало состојбата, а не биле изведени докази по него. 

Заедно со Груевски и Јанакиески, во овој случајот се обвинети уште петмина. И за нив Фетаи побара затворска казна, а за еден условна. Досега за настаните пред општината се изречени три пресуди – на еден му се судеше во одвоена постапка, други двајца признаа вина и добија условни казни.

Наташа Гркова- Петрушевска