Бодрум – Сен Тропе на истокот
Бодрум нуди сè: луксуз, забава, анимација. Овој град е рај за хедонистите. Токму затоа го носи епитетот – турски Сен Тропе.

Тиркизно-сина морска шир, тврдина која доминира над заливот, мирисот кој обединува цветни ноти, ги спојува истокот и западот, мирисот на зачини, на море... Тоа е она што ќе го почувствувате со самото влегување во Бодрум.
Бодрум нуди сè: луксуз, забава, анимација. Овој град е рај за хедонистите. Токму затоа го носи епитетот – турски Сен Тропе.
Бодрум е едно од најпопуларните летувалишта на брегот на Егејско море. Овој град е пристаниште на провинцијата Мугла во Турција. Во античко доба е познат како Халикарнас, а во средниот век го добива името Петрониум. Градот е сместен на полуостровот Бодрум, во заливот Гекова, наспроти грчкиот остров Кос. Фасциниран од ова рајско место на земјата, античкиот поет Хомер, во своите поеми го нарекол „Земја на вечното сино“.
Бодрум има своја историја. Впрочем, во него е роден и таткото на историјата, Херодот (484 п.н.е - 420 п.н.е). Најголемата слава ја добива за време на владеењето на Цар Маузол (377 п.н.е.-353 п.н.е), император кој управувал со персиската провинција, Карија. Кога во 353 година п.н.е., Царот Маузол починал, неговата сопруга Артемизија II од Карија, ги повикала најдобрите архитекти и скулптори и подигнала гробница. Гробницата била толку импозантна што подоцна светските историчари ја вброиле во „Седумте светски чуда“ на античкиот свет, а од нејзе потекнува терминот „мавзолеј“.
Од ова фасцинантно здание декорирано со релјефи и скулптури, денеска се останати само темелите. Низ историјата, Бодрум бил секогаш атрактивен за владетелите. Во 1404 година, витезите на Св.Јован ја изградиле тврдината Св.Павле, денеска седиште на извонреден Музеј на подводна археологија.
Бодрум е вистинска туристичка атракција, рај за хедонистите. Речиси, до триесеттите години на XX век, ова место е само обично рибарско село, изградено врз урнатините на античкиот Халикарнас. Турскиот новелист Џевад Шакир, познат како „рибарот од Халикарнас“ преку своите текстови „го промовира“ Бодрум во вистинска туристичка атракција. Неговите исклучително инспиративни приказни ги мотивира авантуристите низ светот да дојдат и да се уверат во убавините на Бодрум.
Бодрум е боемски град. Изобилува со кафетерии, галерии, книжарници, антикварници. Овој град е магнет за уметниците, џет-сетерите, но и за оние кои уживаат во ноќните забави. Но, 2020-та го запре светот. Туризмот е во мирување.
Иако, Турција ги отвори границите за туристите, глобалната пандемија со Ковид-19 сериозно го афектираше туризмот како гранка во оваа земја. Според Мурад Ерсои, хотелски менаџер, 70% од хотелските капацитети во Бодрум се исполнети. Но, хотелиерите кои „знаат“ сезони кога Турција ја посетувале преку 39 милиони туристи, како што е на пример 2018 година или преку 45 милиони туристи во 2019-та, посакуваат 2021 година стопроцентно исполнување на туристичките капацитети.
