Пахор: Да нема одложување на првата меѓувладина конференција на Македонија и ЕУ
Словенечкиот претседател Борут Пахор е прв државник кој доаѓа во посета на Македонија, во време на пандемија со Ковид-19. По средбата со неговиот домаќин, Пахор јасно порача- да нема одложување на првата меѓувладина конференција на Македонија и ЕУ...

Словенечкиот претседател Борут Пахор е прв државник кој доаѓа во посета на Македонија, во време на пандемија со Ковид-19. Во Вила Водно од претседателот Пендаровски пречекан со највисоки државни и воени почести.
По средбата со неговиот домаќин, Пахор јасно порача- да нема одложување на првата меѓувладина конференција на Македонија и ЕУ. Евентуалното одложување би имало далекусежни последици по земјата, но и по регионот, рече словенечкиот претседател, додавајќи дека иако некои соседи се колебаат, сега е вистинско време за солидарност.
Македонија и Словенија се партнери во НАТО, истакна македонскиот претседател Пендаровски, кој се заблагодари за поддршката за евроинтеграциите. Иднината на регионот е во ЕУ и нема кредибилна алтернатива, изјави Пендаровски.
Пендаровски и Пахор положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас. Шефот на словенечката држава имаше средба и со претседателот на Собранието, Тахал Џафери. Следи и негово обраќање во Собранието и средба со премиерот Заев.
Утре во Охрид, Пахор и Пендаровски ќе присуствуваат на показна вежба на македонските армиски специјалци и ќе ги разгледаат културните знаменитости. Во состав на словенчката делагација е и министерот за одбрана, кој ќе има средба со министерката за одбрана Шеќеринска.
