Се намалува бројот на првачиња во Охридско- струшкиот регион

25.09.2020 12:58

Во основните училишта во Струга запишани 43 првооделенци помалку од лани. Недостигаат цели две паралелки. Во Охрид најкритично е во селото Куратица, каде годинава не е запишано ниту едно првоодделенче...

Намален бројот на првачиња во струшко. Годинава во основните училишта во Струга се запишаа 43 првооделенци помалку од лани, односно недостигаат цели две паралелки.

Забележително намалување има во двете најголеми училишта. И тоа во селото Лабуништа, каде има 20 првачиња помалку и во училиштето „Браќа Миладиновци“ во Струга со 27 првооделенци помалку. Причината за намалувањето е иселувањето на младите.

„Во однос на бројот на првачиња, вистина е дека бројката е намалена. Годинава има четириесеттина првачиња помалку. Тоа е поради трендот на иселување на младите во западна Европа и потоа го земаат семејството со нив“, изјави Дашмир Насуфи, општина Струга.

Во Охрид најкритично е во селото Куратица, каде годинава не е запишано ниту едно првоодделенче.

„Во оваа учебна година во Охрид се запишана 480 првачиња или само три помалку во однос на лани, кога имало 483. Поголемо намалување имаме на учениците кои се запишуваат во средните училишта. Лани се запишаа 558 ученици во средно, а годинава 508, или 50 ученици помалку“, вели Томе Џамтоски портпарол на општина Охрид.

Лани во Струга имало 613, а годинава 570 првачиња. Бројот на првооделенци во целиот струшки регион во последните пет години е намален за 200 деца.

Соња Рилковска