Ќе се подготвува Закон за вонредна и воена состојба

25.09.2020 13:15

Наскоро ќе започне подготовката на Законот за вонредна и воена состојба – најави министерот за правда, Маричиќ. Посочи дека не е време да се удоволи барањето на опозицијата таа да го предложи јавниот обвинител. Според вицепремиерот Николовски, земјава постигна значителен и суштински напредок во борбата против корупцијата што беше потврдено и од „Греко“...

„Наскоро преку работна група, во консултација со сите институции и со опозицијата ќе запопочне подготовката на Законот за вонредна и воена состојба“ – најави министерот за правда, Бојан Маричиќ. Вели дека коронакризата покажала дека не е доволно само со неколку членови во Уставот да се регулира вонредна состојба во државата.

Маричиќ дециден дека сега не е време да се удоволи барањето на опозицијата таа да го предложи јавниот обвинител, иако во минатото токму тоа го бараше сега владејачката СДСМ.

Земјава постигна значителен и суштински напредок во борбата против корупцијата што беше потврдено и од „Греко“ – рече вицепремиерот Љупчо Николовски. Од 19 препораки за превенција  на оваа појава во парламентот, судството и во обвинителството, земјава нема исполнето две. Целосно се исполнети девет препораки, делумно осум препораки.

Според „Греко“, иако е добро што министерот за правда последниве две години не присуствува и нема глас во Судскиот совет, препоракатра на „Греко“ целосно ќе биде спроведена кога ќе се направат уставни измени.

 

Миле Ристески