Ким се извини, жали за инцидентот
Пјонгјанг му се извини на Сеул. Ким Јонг-Ун испратил писмо до колегата Мун Џае-Ин. Напишал дека жали поради инцидентот во кој севернокорејската војска убила јужнокорејски службеник. Северна кореја вети истрага за настанот...

Пјонгјанг го направи она што малкумина го очекуваа – му се извини на Сеул. Неприкосновениот лидер Ким Јонг-Ун испратил писмо до колегата од Југот, Мун Џае-Ин во кое напишал дека многу жали поради инцидентот во кој севернокорејската војска убила јужнокорејски службеник. Ким рекол и дека многу жали што го разочарал јужнокорејскиот претседател кој е под огромен домашен притисок, и додал дека се надева оти ова нема да ја наруши довербата меѓу двете земји. Од Пјонгјанг ветување дека ќе има истрага за настанот.
„Претседателот Ким Јонг-Ун ги пренесува неговото длабоко извинување до Претседателот Мун Џае-Ин и народот на Јужна Кореја поради тоа што ги разочарал со овој несреќен инцидент во водите, наместо да им помогне во време кога страдаат од опасниот вирус“, изјави Сух Хон, претседател на Националниот совет за безбедност на Ј. Кореја
Лидерот на Северна Кореја во писмото го окарактеризирал инцидентот како неочекуван и несреќен.
„Во однос на наводите на Ким Јонг-Ун дека ова бил несреќен инцидент, споменувајќи го притоа односот на доверба и почит меѓу двете земји што беше изграден до одредено ниво, можам да потврдам дека претседателите Мун и Ким неодамна разменија писма со надеж за повторно градење на меѓукорејските односи кога ќе се надмине кризата со коронавирусот“, изјави Сух Хон, претседател на Националниот совет за безбедност на Ј. Кореја.
Откако Јужна Кореја информираше дека нивен службеник на возраст од 47 години бил убиен и потоа запален од војската на Северот, Пјонгјанг потврди дека биле испукани повеќе од 10 куршуми кон човекот кој се обидел да упадне во територијалните води на Северна Кореја, но се појаснува дека чамецот бил запален како превентивна мерка за заштита од коронавирусот, но не и телото на жртвата.
Мартин Пушевски
