Меѓувладината конференција да се одржи без одложување, ЕУ не смее да ја пропушти оваа шанса
Словенечкиот претседател Борут Пахор е прв државник кој доаѓа во посета на Македонија, во време на пандемија со Ковид-19. Во Вила Водно од претседателот Пендаровски пречекан со највисоки државни и воени почести. По средбата со неговиот домаќин, Пахор јасно порача- да нема одложување на првата меѓувладина конференција на Македонија и ЕУ. Македонија и Словенија се партнери во НАТО, истакна македонскиот претседател, кој се заблагодари за поддршката за евроинтеграциите. Иднината на регионот е во ЕУ и нема кредбилна алтернатива, изјави Пендаровски...
Времето на мојата посета не е случајно. Го избрав зашто како една од 27-те држави на ЕУ да нагласам дека сега е вистинската прилика да не се одложува меѓувладината конференција. Северна Македонија последниве години направи толку многу за да ги исполни сите услови, така што би било неверодостојно ако сега во ЕУ би се нашле некои што би сакале да ги одложат билатералните разговори меѓу Северна Македонија и ЕУ, изјави словенечкиот претседател Борут Пахор по средбата со неговиот домаќин, претседателот Пендаровски во Скопје.
„Меѓувладината конференција да се одржи веднаш и без одлагање. Ова е шансата што ЕУ не смее да ја пропушти. Конференцијата не смее да се одложи зашто тоа ќе доведе до инерција која може да трае долго време и сериозно да ги загрози интересите на Северна Македонија, на регионот и ЕУ. Сега треба без одложување по тивките дипломатски канали, но и на отворено на ниво на ЕУ, да се најдат сите патишта меѓувладината конференција да почне“, изјави словенечкиот претседател Пахор.
Шефот на државата открива дека во тек се преговори со Софија околу нивните барања како услови за усвојување на преговарачката рамка. Додава дека не е прифатливо поради билатерални недоразбирања да се сопира европската иднина на регионот.
Двајацата претседатели согласно протоколот положија венци пред гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата Свети Спас. Шефот на словенечката држава имаше средба со претседателот на Собранието и се обрати пред новиот парламентарен состав.
Попладне ќе има средба и со премиерот Заев во владата. Дводневната посета ја продолжува во Охрид каде ќе присуствува на показна вежба на армиските специјалци. За воспоставување на поблиски билатерални односи меѓу двете пријателски држави станало збор и на средбите што словенечките вицепремиери и министри за одбрана и економија ги имаа со своите македонски колеги во ресорните министерства.
Ирина Гелевска
