Владата го објави четвртиот пакет- мерки за стопанството и граѓаните тежок 470 милиони евра
Нови интервентни економски мерки тешки 470 милиони евра. Владата ги обезбедува средствата од домашни и од странски извори, објави премиерот Заев. Итниот период на спроведување ќе трае до декември, но и во наредната година. Најавени платежни картички од шест илјади денари, поддршка за 250 илјади работни места…

470 милиони евра тежи новиот, четврти пакет економски мерки. Со претходните три, речиси над милијарда евра се насочуваат кон погодените од ковид- кризата, вели премиерот Заев. Во најава и нови интервентни мерки во стопанството за да се ублажи ударот од пандемијата. Со новиот пакет се предвидува да бидат поддржани над 250.000 работни места со 70 милиони евра.
Платежната картичка „Купувам домашно“ ќе биде исплатена на 280.000 граѓани. По 6.000 денари ќе добијат пензионери, ранливи категории, студенти. Поддршка на платите ќе има и за туристичките водичи. Грантови ќе добијат и туристичките агенции, рестораните, игротеките.
Компаниите од идната година ќе имаат на располагање нови 100 милиони евра од Развојната банка, поволни кредити со ниска камата. Парите за новиот економски пакет се обезбедени со дел од кратења на непродуктивните трошоци, вели Заев, дел од кредити од ЕБОР, Светска банка, а дел домашни пари.
Дијана Ценевска
