Границите во регионот засега остануваат затворени
Починаа тројца пациенти, вкупниот број достигна 725-мина, додека бројот на заразените е 17.629. Оздравени се 14.581 пациент, бројот на активни случаии 2.323. Во изминатово деноноќие се регистрирани 148 нови случаи на Ковид-19. И во Европа состојбата е критична, има нови и драстични ограничувања. Министерот Филипче вели- границите во регионот засега остануваат затворени...
Кога македонските граѓани ќе можат да ја напуштат државава без никакви ограничувања сѐ уште не се знае. Идејата е сите во регионот во еден момент да ги отворат границите со идентична политика, да не се прават пср тестовите.
Иако министерите за здравство од регионот се сретнаа пред две недели, дури минатата недела профункционирал системот на координација помеѓу соседните земји, откако се вклучила Американската амбасада во Скопје.
„Искрено се надевам дека конечно ќе се разменат информациите и ќе заземеме заеднички став. Но, превентивните мерки мора да се почитуваат во било која од земјите во ЕУ и пошироко. Верувам дека наскоро ќе донесеме разумна одлука“, изјави министерот Филипче.
Во најскоро време може да се зголемат ограничувањата кои се однесуваат на масовните собири, тие можат и да се укинат, вели министерот по масовноста забележана на манифестацијата „Бела ноќ“.
Кога ќе се донесе одлуката за границите е отворено прашање. Во Црна Гора поради зголемен број на заболени со корона вирус се воведува карантин во три градови. Троцифрена бројка на новоразени имаат и Хрватска, Босна и Херцеговина и Словенија. И Во Белгија драстично е зголемен бројот на инфицирани со Ковид – 19. Земјата е ставена во „црвената зона“ на мапата на ЕУ. Расте бројот на новозаразени од коронавирус и во Чешка. Во Британија протестираат против новите драстични ограничувања. Владата на Шпанија планира повторно да го затвори Мадрид, поради растот на случаите.
„Предложивме построги мерки да се прошират на целиот град Мадрид и на оние општини во регионот, со стапка на инциденца над 500 случаи на 100.000 жители во последните 14 дена. Втората препорака е да се забрани движењето на луѓето во затворените области и да се избегнат сите непотребни движења“, изјави Салвадор Иља, министер за здравство на Шпанија.
Новиот бран може да ја „преплави“ Франција, предупредуваат лекарите. Франција ќе се соочи со повеќемесечна епидемија што ќе влијае врз здравствениот систем, предупреди еден од водечките лекари во земјата.
Наташа Јанчиќ
