Мицкоски: Новите економски мерки- обид да се одвлече вниманието од вистинските проблеми

27.09.2020 16:57

Четвртиот пакет мерки е насочен за одвлекување на вниманието од вистинските проблеми, возврати опозицискиот лидер Мицкоски. Дополни, мафијата ќе стане побогата, а народот посиромашен. Нема капитални проекти кои ќе произведат додаена вредност во економијата. Продолжуваат лагите на Заев, вели Мицкоски, по талибанските предвремени избори...

Четвртиот пакет антикризни мерки на власта е сламка за спас во услови кога економијата пропаѓа- оценува лидерот на ВМРО- ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според него, мерките се задоцнетти, и ако се гледа искуството од претходните резултатот ќе биде поразителен, а македонската економија на чело со оваа Влада ја очекуваат црни денови.

„Резултатите од таквите погрешни политики се историски пад на индустриското производство и извозот, пад на економската активност во вториот квартал со индиции тој негативен тренд да продолжи до крајот на годината. Нови дополнителни најмалку 40 илјади невработени за 5 месеци и минус од речиси 13% намалување на бруто домашниот производ рекорден во вториот квартал“, изјави Мицкоски.

Според него, новите економски мерки обид да се одвлече вниманието од вистинските проблеми. Доказ за тоа е што и овојпат нема план за капитални инвестиции кои создаваат додаена вредност, вели Мицкоски.

„Парите за овие мерки, за да имаме побогата мафија, а посиромашни граѓани, мафијата ги нема, туку дополнително треба да се позајми од извори дома и од извори надвор, за да може да врши институционален поткуп. А, со тоа ќе се зголеми државниот и јавниот долг, со тоа ќе се зголеми дефицитот на буџетот, а тоа на крајот на денот ќе го платат сите граѓани солидарно без исклучок и на вера, нација и на социјална положба“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски ги критикуваше и новите платежните картички. Тој смета дека тие преставуваат продолжување на популизмот со неодговорно трошење, и како и предходните кои послужија за изборен поткуп, во како што ги нарече, талибанските предвремени избори. Мицкоски ја криткуваше и мерката за викенд без ДДВ, која што сѐ уште не била спроведена.

 

Марина Стојанова- Тонева