Репортажа

Мармарис – бисер на две мориња

28.09.2020 12:35

Некогаш мирно рибарско село, а денес вистинска туристичка атракција – бисер на две мориња. Тоа е Мармарис. Модерен град, чија главна гранка е туризмот.

Овој приморски град, распослан на две мориња: Егејско и Средоземно Море, опкружен со борова шума претставува природно засолниште од силните ветрови. Бујната вегетација, тиркизната боја на морето, песочните плажи го прават  неверојатно егзотичен.

Некогаш мирно рибарско село, а денес вистинска туристичка атракција – бисер на две мориња. Тоа е Мармарис. Модерен град, чија главна гранка е туризмот.

 Марамарис има богата историја. Во античко доба (6 век п.н.е) на тие простори постоел градот Фискос. Фискос бил во состав на Карија, историска област која што се наоѓала северно од грчкиот остров Родос. Во историските записи, Карија ќе ја сретнете како татковина на античкиот историчар Херодот.

Над ридот, покрај пристаништето во Мармарис се наоѓа стариот град и тврдината која сведочи за едно време, далечно, исторско. Според Херодот, во хелинистичкото доба, Карија е нападната и освоена од големиот војсководец, Александар Македонски. Свесен за стратешкото значење на палатата во Фискос, Александар Македонски ги изградил уништените делови и тука останал со својата војска.

Речиси 2000 години подоцна, со растот на Османлиското царство за време на владеењето на Сулејман Величествениот, дворецот во Мармарис бил целосно реновиран и истиот претставувал база за освојување на островот Родос. Некогашната база, денес е музеј кој сведочи за една богата, долга историја.

Мармарис е град кој некогаш имал над 15 000 жители, но во осумдесетите години доживува вистинска ренесанса и денес зазема значајно место на туристичката мапа.

Ако се исклучи 2020, година на пандемијата, изминатите години бројот на посетители во туристичка сезона изнесува и до 100 000.

Мармарис нуди сè. Песочни плажи, ексклузивни локали, скапи хотели, интересни продавнички,  егзотична храна... Марамарис, едноставно „мириса“ на луксуз. Вистински морски бисер, впрочем името Мармарис преведено од францускиот збор „La Mer Maris“ значи токму тоа.

ЗАНИМЛИВОСТИ:

- Туризмот е главна гранка во Мармарис. Најголем број од туристите се од Европа и од Блискиот Исток.

- Мармарис е атрактивен, особено за Британците. Тие, не само што летуваат туку вложуваат и во недвижнини.

- Градот изобилува со споменици. Освен споменици на познати личности, литерати, историчари, ќе сретнете и споменици на животни. Со оглед на фактот што Турците негуваат култ кон домашните животни, особено кон мачките, во Мармарис ќе наидете и на споменик на мачката.

- Ако не поднесувате високи темпреатури, тогаш идеално време за одмор е јуни или септември.

- Елитните хотели во Мармарис се наоѓаат далеку од брегот, додека оние со 3* се на првата линија.