Светските лидери бараат крај на судирите во Нагорно-Карабах
Реакции и повици за примирје по последните судири поради територијалниот спорт меѓу Ерменија и Азербејџан во кои има жртви на двете страни. Регионот е меѓународно признат како дел од Азербејџан, но е под контрола на етничките ерменци...

Светските лидери со повик за прекин на битките во Јужен Кавказ. САД ќе се обидат да го запрат насилството меѓу Ерменија и Азербејџан. Според Стејт департментот, двете страни мора да се воздржат и од провокативната реторика и сите други активности кои би ја влошиле ситуациајта во регионот кој има и стратегиска вредност. Низ Јужен Кавказ минуваат многу гасоводи и нафтоводи кои се од суштинска важност за светските пазари.
„Внимателно ја следиме ситуацијата. Имаме добри односи во областа. Ќе видиме дали може да ги запреме“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
Претседателскиот кандидат на демократите Џо Бајден побара од администрацијата на својот опонент да прати повеќе набљудувачи на линијата на раздвојување, а од Русија – да запре со пратките со оружје и за двете страни. Официјална Москва, која се смета за традиционален сојузник на Ерменија, бара итен прекин на огнот. Брза и мирна разрешница на конфликтот побараа и Франција, која има голема ерменска заедница, ООН и Иран.
Но, и покрај дипломатските апели, битките продолжуваат, се бројат нови жртви. Ерменија распоредува резервисти на границата со Азербејџан. Оттаму, пак, тврдат дека ја вратиле контролата врз шест окупирани села.
„Како резултат на успешната контраофанзива на трупите на Азербејџан, многу села се ослободени. Уништени се и позиции на непирјателот, а стратегиските планиниски точки се земени под контрола“, изјави потполковник Анар Ејвазов, портпарол на Министерството за одбрана на Азербејџан.
Етничките Ерменци во Нагорно-Карабах прогласија независност за време на судирите по распадот на Советскиот сојуз во 1991 година. Иако три години подоцна беше договорен прекин на огнот, Азербејџан и Ерменија продолжуваат да се обвинуваат меѓусебно за нападите во оваа област и долж границата.
Маја С. Филдишев
