Политика

Мерки: За СДСМ директна помош за граѓаните, за ВМРО-ДПМНЕ гол популизам

28.09.2020 14:16

Со реализацијата на четвртиот пакет мерки, вреден 470 милиони евра, ќе се зајакне приватната потрошувачка. Ќе има викенд без ДДВ, а 283 илјади граѓани ќе добијат платежни картички, велат од СДСМ. Според ВМРО-ДПМНЕ третиот пакет мерки се реализираше само 13%, затоа е потребен четврти пакет, кој е резултат на претходната неспособност и расипништво...

Со четвртиот сет мерки се обезбедени 470 милиони евра, пари кои како директна помош и поддршка ќе завршат кај граѓаните и компаниите- велат Социјалдемократите. Од владејачката партија посочуваат дека една од основните компненти е зајакнување на приватната потрошувачка. Покрај викендот без ДДВ од 10 до 12 октомври, 283.000 граѓани ќе добијат платежни картички.

Потребна е реализација на мерки за спас на економијата, а не гол популизам, зошто изборите завршија. Треба да се направи реална анализа колку од четвртиот пакет мерки се наменети за стопанството и губењето работни места, критикува ВМРО –ДПМНЕ.

И додека опозицијата вели дека правилното буџетско планирање се заснова на правилна оцена на состојбите во економијата, владеачката СДСМ потенцира- во период на сериозна глобална здравствена и економска криза, државата застанува зад секој поединец.

Миле Ристески