Индијан Велс чистилиште за фаворитите!
Заврши низата триумфи на Станислас Вавринка, па Новак Ѓоковиќ и Роџер Федерер се единствените од Топ 10 во четвртфиналето на првиот тениски мастерс од серијата 1000, Индијан Велс...

По 13 врзани победи шампионот на Австралија Опен, Швајцарецот Вавринка во осминафиналето загуби од Кевин Андерсон со 6:7, 6:4 и 1:6 што е негов прв пораз во петте дуели со Јужноафриканецот. Андерсон е во животна форма затоа што во моментов е најдобро рангиран во кариерата, на 18-то место. Следен голем предизвик за одличниот сервер е уште еден Швајцарец, Роџер Федерер. Четирикратниот победник на калифорнискиот мастерс Федерер со двапати по 6:4 го елиминираше најстариот меѓу стоте на АТП листата, 35 годишниот Томи Хас од Германија. За „Федекс“ кој е осми на АТП листата ова беше рекорден 45-ти триумф на популарниот „петти грен - слем“.
Иако не блеска, вториот светски тенисер Новак Ѓоковиќ во три сета славеше против Хрватот Марин Чилиќ и остана во игра за првиот трофеј сезонава или трет во Индијан Велс. Чилиќ поведе со 5:0, го освои првиот сет со 6:1, но како да се исплаши од шансата првпат да биде подобар од Ѓоковиќ во осумте меѓусебни пресметки. Србинот лесно ги доби преостанати два сета со 6:2 и 6:3 и во четвртфиналето ќе игра со Жулиан Бенето. Французинот кој е 65-то рангиран со 6:3 и 7:5 го совлада Шпанецот Фелицијано Лопез и го надмина најдоброто постигнување во Индијан Велс од 2007-ма кога во осминафиналето беше поразен токму од Ѓоковиќ.
Финалистот од пред две години, Американецот Џон Иснер досега загуби само еден од 35-те сервис гема и до четвртфиналниот дуел со Летонецот Ернест Гулбис, стигна со победата против Фернандо Вердаско со 7:6, 4:6 и 6:1.
Четвртфиналната сесија со пренос на МРТ собранискиот сервис околу 21 часот ќе ја отворат Милош Раониќ и Олександр Долгополов. Канаѓанецот со 4:6, 7:5 и 6:3 го елиминираше Британецот Енди Мареј, а Украинецот со 6:2 и 6:4 беше поуспешен од Италијанецот Фабио Фоњини.
Агњешка Радванска и Симона Халеп е првата полуфинална двојка на женскиот дел од турнирот којшто е во категоријата „Премиер“. Полската тенсиерка како втора фаворитка со 7:5, 2:6 и 6:4 триумфираше против Србинката Јелена Јанковиќ која беше шампионка во 2010-та година во којашто Радванска го одигра досега единственото полуфинале и загуби од Каролине Вознијацки од Данска.
Шестата носителка, Романката Халеп во четвртиот обид првпат е во полуфиналето на Индијан Велс откако на двапати со по 6:2 беше подобра од Канаѓанката Кејси Делаква. Постои голема веројатност Халеп од следната недела првпат во кариерата да влезе меѓу најдобрите пет тенисерки во светот.
Во другите два четврфинални меча ќе играат На Ли од Кина против Доминика Цибулкова од Словачка и Италијанката Флавија Пенета против Американката Слоун Стивенс.
