Образование

Тестирање на националната платформа за далечинско учење

28.09.2020 15:56

По добивањето на лозинките, учениците почнаа со тестирање на националната онлајн платформа. На првиот ден, проблеми со пристапот и најавата. Надлежните смируваат - во оваа фаза се детектираат и надминуваат сите предизвици за целосна функционалност на системот...

Националната платформа за онлајн учење се тестира. Наставниците и учениците се соочија и со првите проблеми. Дел од нив не можа да влезат во системот, иако имаат лозинка. Од Министерството за образование велат дека е ова очекувано, но уверуваат дека проблемите ќе се надминат до стартот на учебната година на 1-ви октомври.

Креирани се сите наставни предмети, во моментов се внесуваат учениците. Има технички проблеми, но наставниот кадар е подготвен да се справи со предизвикот, велат професорите.    

И на наставниците и на учениците ќе им биде потребен период за адаптација за овој начин на учење – велат обучувачите.

Од 1-ви октомври учениците од прво до трето одделение наставата ќе ја следат од училница, преостанатите преку националната платформа за онлајн учење, а дел и преку програмите на јавниот сервис.

 

Андријана Атанасовска