Филипче: Набавуваме брзи тестови кои за 15 минути детектираат Ковид-19
Министерот за здравство планира надградување на стратегијата за тестирање, најави министерот Венко Филипче...

Министерот за здравство планира надградување на стратегијата за тестирање, најави министерот Венко Филипче.
„Сега на пазарот се подостапни брзи тестови за детектирање на вирусот, не на антителата, меѓутоа се брзи и за 10 до 15 минути го детектираат вирусот без лабораторија и без лабораториски апарат. Брис и една мала плочка. Ќе започнеме за кратко време со набавка. Тие ќе бидат дистрибуирани пред се во болниците и во соработка со Центрите за јавно здравје веројатно на граничните премини. Во болниците ќе овозможи многу брз резултат на пациентите кои што доаѓаат пред се на итните и на тие на коишто им е потребна некаква интервенција. За 15 минути, нема да има лабораториски апарат, ќе знаат вработените дали е пациентот позитивен или негативен со тоа точно ќе се знае дали ќе оди по патеката за корона позитивни пациенти или ние го викаме во „чистиот“ дел на болниците. За границите ќе направиме стратегија и тука ќе тестираме и евентуално детектираме некои суспектни групи коишто доаѓаат од странство“, рече министерот Филипче, во интервју за една национална телевизија.
Министерот за здравство апелираше до граѓаните да се почитуваат мерките.
„Доаѓа период во којшто граѓаните ќе мора многу повеќе да внимаваат на своето здравје за да не ги преоптеретат здравствените установи. Нас сега целокупниот кадар ни е потребен и за системот за ротации, капацитетите, болничките кревети итн, ако имаме зголемен број на пациенти да помогнат во третманот на пациентите со Ковид. Тоа значи дека секој еден од нас мора да е максимално одговорен и да се штити од сезонска настинка и сезонски грип, а тоа се прави и со носењето на маски и со одржувањето на дистанцата“ – потенцираше Филипче.
