Субвенции за откуп на грозје
Утврдена рамката за субвенционирање на лозарите и винарските визби. Парите се обезбедени од програмата за поддршка на Ковид- 19, а новите мерки треба да ги утврди економскиот ресор на владата. Лозарите ќе треба да добијат зголемени субвенции, на винариите, пак, ќе им се помогне во намалување на транспортните трошоци, а на извозниците според продадените количества во странство.

Од Програмата за поддршка од Ковид-19 се предвидува субвенција од 4 денари по килограм за откупено и предадено винско грозје во винарски визби кои се запишани во регистарот на производители на вино. Ова треба да биде нова мерка за чија изработка е задолжен економскиот ресор на владата.
Поддршката ќе биде наменета за откупено винско грозје до 18 шеќерни единици со минимална цена од 7 денари по килограм.
Намената на оваа мерка е за интервентен откуп на грозје кое ќе биде преработено во производи од винско грозје, а корисници на оваа мерка се винарските визби.
Ќе се подготвува и дополнителна мерка во висина од 2 денари по килограм за произведено и предадено винско грозје, за лозарите. Предвидениот рок за исплата е до крајот на 2020 година.
Исто така извозниците на винско грозје треба да добиваат субвенција од 2 денари за извезени 12 милиони килограми. За продадени до 25 милиони да имаат право на 3, а ако откупат и извезат повеќе од 25 милиони килограми да добијат по 4 денари субвенција.
Методија Трајков
