Сообраќајна незгода на патот Струмица- Штип, повредени 16 припадници на Армијата
Сообраќајна незгода утринава се случи на патот Струмица-Штип. Повредени се 16 припадници на Армијата кои со автобус патувале до своите работни места во гарнизоните во Штип и Петровец. Сите се со лесни повреди кои се санирани во Клиничката болница во Штип.

Во сообраќајна незгода на магистралниот пат Радовиш – Штип која се случи 10-ина минути пред 7 часот утринава, на осум километри пред Штип и во која учествуваа автобус и комбе, повредени се 18 лица, од кои 16 припадници на Армијата кои со автобус патувале на работа до гарнизоните во Штип и Петровец. Повредени се и возачот на автобусот и сопатникот во комбето, на сите им е укажана лекарска помош во Клиничката болница во Штип.
Увид на местото на настанот е извршен од страна на јавен обвинител и МВР, а на терен излегол и тим од воената полиција. На местото на несреќата утринава беше и Македонската телевизија.
Од АРМ информираат дека Автобусот од типот „Сетра“ во сопственост на фирмата „Тритерол“ од Струмица, која го реализира организираниот транспорт на оваа релација има потврда за исполнување на потребните технички услови за превоз на патници.
Славица Величковска
