„Денови на комедија“ во Куманово, наградени Колозови

29.09.2020 16:09

Во Куманово се отвори 23-тото издание на меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“, кој го организира тамошниот Центарот за култура. Годинава, програмата е скратена поради пандемијата, но како што велат организаторите кумановци ќе проследат квалитетна програма. На отворањето беше доделена и наградата „Васил Иљоски“, која годинава ја доби актерката Шенка Колозова. Таа прими и постхумна награда за нејзиниот сопруг, актерот Ѓорѓи Колозов.

Со изведба на претставата „Меѓуигри 0-24“ на босанскиот актер Зијах Соколивиќ почна годинешното издание на меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Поради протоколот годинава е скратена програмата, но организаторите велат дека сепак кумановци ќе проследат квалитетни претстави. Според протоколот комедиите можат да ги следат само 100 посетители.

„Оваа година прашањето беше шекспировско дали воопшто да се одржи фестивалот, по добиените протоколи од Владата пред две недели, решивме да го одржиме. Претставите беа претходно договорени изминативе два месеца , така што очекуваме успешен фестивал со запазување на сите мерки, протоколи- изјави директорот на НУЦК Куманово, Сашо Тодоровски.

23-тото издание на најпопуларниот  фестивал во Куманово традиционално се одржува со поддршка на Министерството за култура и Општина Куманово.

За честитање е тоа што раководството на Центарот за култура реши да го одржи фестивалот, ги добија протоколите и гледаме дека иако скратена, намалена имаме програма од државите од регионот. Фестивалот и во вакви услови останува верен на граѓаните и тие се оние заради кои културата постои- истакна Националниот координатор за развој на културата, Роберт Алаѓозовски.

Наградата „Васил Иљоски“ за особен придонес во културата и актерската игра годинава ја доби актерката Шенка Колозова. Таа прими и постхумна награда за исклучителни достигувања во областа на театарот, за нејзиниот сопруг, актерот Ѓорѓи Колозов.

„Ми е многу мило што некој се сетил, мило ми е што се работи за Куманово, што е на еден фестивал на комедија. Мило ми е што најубавите години, младоста ја поминав во Куманово, многу претстави изиграв во театарот, мило ми е убаво ми е, го сакам Куманово“- истакна Колозова.

Наредните две недели кумановци ќе можат да проследат претстави на театри од државата, но и од Србија и Бугарија. Фестивалот на 10-ти октомври традицонално ќе го затвори кумановскиот театар со претставата „Солдат“.

 

Елена Георгиевска