АХВ

Задолжителна вакцинација на добитокот за против болеста „син јазик“

30.09.2020 10:32

Од следната година ќе се воведе задолжителна вакцинација на добитокот против болеста „син јазик“ што ќе биде и услов за добивање на субвенции од државата. Од јули, кога оваа добиточна болест повторно се појави кај нас, досега е потврдена кај повеќе од 3 300 овци и кози. Половина од заразените животни се угинати...

Добиточната болест „син јазик“ се прошири во речиси сите региони во Македонија. Од Јули кога беа потврдени првите12 заболени овци во две одгледувалишта во општина Кичево досега се евидентирани  452  жаришта. Агенцијата за ветеринарство ја регистрира појавата на болеста кај 3 380 грла, а досега се угинати  1 780 животни. Син јазик има и во девет одгледувалишта со вкупно 770 говеда, но засега само кај десет животни, а три се угинати.

Се уште се разгледува можноста за обезштетување за угинатите јагниња и овци. Ако државата реши да донесе таква мерка, Агенцијата ги има потребните податоци  за да се изврши надокнада на штетата.

Според АХВ, во светот е практиката сточарите  самите да ја платат и да вршат вакцинација за да ги заштитат животните. Затоа, од идната година вакцинацијата против син јазик ќе биде задолжителна,  на трошок на одгледувачите, и ќе претставува услов за добивање субвенции.

Болеста син јазик не е зооноза, односно не може да се заразат и не е опасна за луѓето, но месо од заболено животно не треба да се консумира. Станува збор за вирусно заболување кај домашните и дивите преживари ,овци, кози и говеда.  

 

Методија Трајков