Репортажа

Анталија – рај за хедонистите

30.09.2020 12:49

Анталија се наоѓа на југот од Турција. Според легендите и преданијата, градот е основан од императорот Атал II од Пергамон. Императотот им наложил на своите поданици да го пронајдат најубавото место на земјата...

Анталија е место каде што сонцето, морето, природата и историјата чинат совршена хармонија. Место, каде што мистичното минато и модерната сегашност прават симбиоза. Анталија е рај за туристите. Впрочем и основачот на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк, импресиониран од ова место за време на својата посета во 1930 година изјавил: „Анталија е најубавото место на цел свет“. Таа негова реченица е испишана на влезот во градот. Денес куќата, каде престојувал за време на посетите на Анталија претставува музеј кој е постојано отворен за посетителите.

ИСТОРИЈА

Анталија се наоѓа на југот од Турција. Според легендите и преданијата, градот е основан од императорот Атал II од Пергамон. Императотот им наложил на своите поданици да го пронајдат најубавото место на земјата. Така е основан градот Аталеја. Анталија имала значајно место како пристаниште и за време на Римското царство и за Византиското, а подоцна во XIII век и за Отоманското.

Во Анталија има сè за секого. Во стариот град Калеичи сè уште можат да се видат остатоци од византиската, римската и селџутската култура. Во Каличи се влегува преку еден од несомнено, најубавите споменици во Анталија-Хадријановата капија. Монументален споменик изграден 130 година за време на посетата на римскиот цар Хадријан. Капијата се состои од три меѓусебно споени триумфални капии. Токму затоа Турците ја нарекуваат „Üçkapılar“ што значи „три капии“. Над капијата бил изграден уште еден кат, но за жал истиот не е сочуван. Хадријановата капија, всушност ве води низ тесните улички кои му даваат посебен шарм на ова питорескно место во Анталија. Дел од куќите, чии градби оддаваат римска, грчка, селџутска култура се постојни живеалишта, а дел се трансформирани во мали дуќанчиња, кафулиња, хотели, при тоа задржувајќи го примарниот изглед.

Сепак, ако сакате поинакво летување тогаш изберете еден од луксузните хотели, покрај плажите. Анталија е позната по долгите, златни плажи. Дали знаете дека и Клеопатра се капела на ова место. Затоа една од плажите е наречена по големата кралица.

Современа Анталија е два милионски модерен град кој живее од туризмот, но и од агрокултурата. Влажната клима е совршена за многу земјоделски култури. Турција е најголем извозник на овошје: бананите и цитрусното овошје се главен продукт којшто се извезува, но се произведуваат и маслинки и семиња како сусам, памук, лен.

ПРИРОДНИ УБАВИНИ

Анталија е град со многу природни убавини. Анталискиот регион е преполн со водопади. Планината Торос која се извива над морето изобилува со речни извори. Реките формираат речно корито во долината и се влеваат во морето. На својот пат од Торос до Средоземно море креираат прекрасни пејзажи. Ако вашиот избор е Анталија, тогаш не пропуштајте ја можноста да посетите барем еден водопад. Дуден водопадите (горни и долни) нека биде на вашата листа „things to visit“. Горните водопади се наоѓаат во самиот град, на само 8 километри од морето. Долните водопади се наоѓаат во близина до плажата Лара, на височина од 40 метри. Околу водопадот се наоѓа прекрасен парк – мала оаза во која можете да се засолните од сонцето.

Анталија е вистински рај за хедонистите. Оваа медитеранска метропола има активен ноќен живот. Градот пулсира во ритамот на музиката. Ноќни барови, клубови, дискотеки... ги има насекаде. Сепак, 2020-та е поинаква година. Со цел превентивна заштита од Ковид-19, опасниот вирус кој го стави светот во мирување. Турската влада воведе протоколи и рестриктивни мерки во цела Турција. Заштитната маска, дезинфекцијата и пропишаната дистанца се задолжителни, а за влез во кој било локал е неопходно да се помине тестот со термална камера. Но, тоа е нашето ново нормално. И во новото нормално може да се ужива.