Воведен додаток за глувост
13.03.2014 14:05
Околу 300 граѓани веќе го оствариле правото на месечна парична помош за глувост во висина од 4.000 денари, воведено во јануари годинава.

Правата на лицата со инвалидност е меѓу приоритетите на министерството за труд и социјална политика, а во овој контекст е и остварувањето на правото на надоместок за глувост, кој е воведен од 1 јануари 2014. Со него ќе се овозможи полесна социјална интеграција на овие лица, соопшти министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, на денешната средба со претседателот на Националниот сојуз на глуви и наглуви Васко Марков и членови на Сојузот.
Околу 300 граѓани веќе го оствариле правото на месечна парична помош за глувост во висина од 4.000 денари, воведено во јануари годинава. Досега се поднесени околу 1.000 барања, поради што од Министерството за труд и социјална политика очекуваат да се зголемува бројката на граѓани кои го оствариле правото.
Спасов изрази надеж дека во иднина ќе се отворат можности за зголемување на ова право. Нагласи дека за олеснување на комуникацијата и секојдневните потреби на глувите лица се спроведува обука за знаковен јазик на фармацевти, која започна во декември 2013, а ќе трае до март 2014 година и низ која минале 120 лица.
Спасов ги информираше присутните дека траат и обуките за толкувачи на знаковен јазик, која ја спроведува Комисијата за знаковен јазик, за чија реализација министерството за 2014 година доделило 500.000 денари и се очекува обука на околу 40 нови толкувачи.
Преку огласот за вработување на 300 инвалидизирани лица, 40 глуви лица се стекнале со вработување. Од исклучителна важност за овие лица е овозможување на пристап до пазарот на трудот.
