Образование

Националната платформа и натаму на тест, Царовска најави старт на новата учебна година

30.09.2020 13:18

Националната платформа за далечинско учење на ден пред најавениот старт на новата учебна година и натаму на тест. Средношколците ќе почнат со онлајн настава, но бараат комбинирана. Ако не се случи тоа во ноември, од сојузот најавија бојкот на наставата...

Националната платформа за онлајн настава на ден пред најавениот старт на новата учебна година и натаму на тест. Учениците и наставниците имаат проблем со одржливоста на системот. Министерката за образование Царовска, најави, утре старт на новата учебна година, со комбинирана настава. Очекува, успешен процес.

„Верувам дека сите заедно, родители, ученици, наставници и локални власти треба да соработуваат во овој период на прилагодување на новиот начин на учење. Верувам дека и покрај предизвиците и проблемите со кои се соочуваме овие денови, ќе имаме успешна учебна година, дека ќе научиме нови вештини и дека квалитетот на образовниот процес ќе биде на високо ниво“, изјави Царовска.

Министерката рече дека вчерашниот тест на Тимс системот се покажа успешен и учениците ќе почнат да ја следат наставата согласно планот. Часовите ќе се одвиваат онлајн, онака како што е планирано, додека продолжува оптимизацијата на останатите модули од самата платформа кои сé уште не се активни.

Царовска потенцираше дека на ниедно дете правото на образование нема да му биде ускратено.

„Сите деца кои немаат опрема, компјутери или од било кои причини не можат да следат настава онлајн, можат истата да ја следат од училница. Доколку пак не можат или родителите одлучиле да не одат во училница за сите ќе биде обезбеден потребниот печатен материјал за да учат дома.  Овие ученици ќе бидат во постојана комуникација со наставниците, а сите предавања ќе може да ги следат и на телевизија како снимени часови“, изјави министерката, додавајќи дека можеби ова не е најидеалното решение, но сепак овозможува опфат на сите ученици за редовно следење на наставата.

Средношколците ќе почнат со онлајн настава, но само до моментот кога ќе се подобри епидемиолошката слика, велат од Сојузот. Се залагаат за комбинирана настава, но доколку не се случи тоа во ноември, најавија бојкот на наставата.