Русија се нуди како посредник во мировните преговори за Нагорно-Карабах
Областа официјално се смета за дел од Азербејџан, но е контролирана од етничките Ерменци кои се мнозинство. Владата во Баку се закани – нема прекин на огнот додека непријателот не се повлече од Карабах.
Руското МНР им понуди на владите на Азербејџан и Ерменија да посредува во мировните преговори за Нагорно-Карабах, нагласувајќи дека мора да запре воинствената реторика. Во најновите судири за спорниот регион во Јужен Кавказ загинаа над 100 луѓе. Областа официјално се смета за дел од Азербејџан, но е контролирана од етничките Ерменци кои се мнозинство. Владата во Баку се закани – нема прекин на огнот додека непријателот не се повлече од Карабах.
„Имаме само еден услов - безусловно, целосно и веднаш Ерменците да си заминат од нашите територии. Овој услов важи. Ако владата на Ерменија се согласи, ќе запрат борбите. Нема да има крвопролевање, ќе има мир, мирот ќе се врати во регионот“, изјави Илхам Алијев, претседател на Азербејџан.
Метеж од млади волонтери пред центрите за регрутација во Ереван. Премиерот Пашинјан им порача на противниците - нема воено решение за конфликтот во Нагорно-Карабах.
„Целта е да се избегне дополнително влошување на ситуацијата. Нашата цел е да ја подобриме истата. Ние реагиравме и ќе продолжиме да реагираме во насока на враќање на мирот и стабилноста“, изјави Никол Пашинјан, премиер на Ерменија.
Двете поранешни советски републики војуваа до 1994 година, а експертите предупредија дека е можно и странски сили да бидат вовлечени во конфликтот. Москва има воен сојуз со Ерменија, а Турција го поддржува Азербејџан.
